Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, се обрати на конференција за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија, во организација на Стопанската комора на Македонија, Советот на странски инвеститори и Машинскиот факултет од Скопје.

Притоа, Анѓушев потенцираше дека соработката помеѓу странските компании кои работат во технолошко индустриските развојни зони и домашните добавувачи е на многу ниско ниво, односно дека најголемиот дел од страските компании од вкупните трошоци издвојуваат само 1% за набавки на стоки и услуги од македонски добавувачи.

„Тоа, според анализите се должи пред се на фактот дека најголемиот дел од овие компании се во средината во ланецот на производството и нивните продукти се наменети за големи, мултинационални компании, па одлуките за локални добавувачи не можат да ги носат брзо и самостојно и мора да го консултираат крајниот корисник. Воедно се поставува и прашање колку македонските компании се подготвени да прават промени во својата организациска структура и технолошки да ги развиваат производните процеси за да ги задоволат стандардите и барањата на странските компании“, нагласи вицепремиерот.

Истакна дека целта на Владата е да се стимулира соработката помеѓу домашните и странските компании.

„Странските компании ќе добиваат поврат од 1% од вкупните средства за направени набавки, доколку 15% од набавките се направени од домашни производители. Од друга страна ги стимулираме домашните компании да инвестираат во технолошки развој и орагнизациски да напредуваат со цел да развиваат производи кои би биле конкурентни по количина, цена и квалитет и на тој начин би ја зголемиле соработката со странските. Владата ќе обезбеди поврат од 10% од направената инвестиција, а доколку со истата се овозможи и зголемена конкурентност на пазарите во странство, поддршката од страна на Владата ќе се искачи на 20% од вредноста на направената инвестиција“, рече Анѓушев.

Тој ги повика компаниите да ја препознаат можноста за инвестиции, бидејќи, како што рече, мерките кои ги усвои Владата за прв пат даваат толку силна поддршка на домашните компании да се развиваат.

извор: Makfax