Досегашниот вицепремиер за економски прашања, човекот кој според тогашните најави на СДСМ требаше да ја раздвижи македонската економија, Кочо Анѓушев денеска ја напушта владата. Неговото место треба да го заземе досегашната министерка за труд и социјална политика, социологот Мила Царовска.

Анѓушев своето повлекување од функцијата го најави уште минатата година по закажување на предвремените парламентарни избори. Тој тогаш објасни дека неговата оставка ќе биде реализирана, без оглед на исходот од најавените предвремени избори. Неговите, пак, резултати од вицепремиерувањето со економијата ги знаат сите. Ги нема.

Досегашниот вицепремиер за економски прашања пред неколу месеци откри дека одлуката за оставка ја донел поради тоа што профитот во неговите компании рапидно опаднал откако тој станал вицепремиер, причина за која познавачите на економските прилики спореа по медиумите. Анѓушев тогаш јасно истакна дека сака да се посвети на своите бизниси.

Како што изјави Анѓушев, една од причините за неговото заминување е и тоа што неговите „најчесни намери да и помогне на државата не биле секогаш најдобро прифатени од граѓаните“. Ќе си заминеше, можеби и во подобро светло, доколку кажеше дека неговите најдобри намери не секогаш биле прифаќани од Владата, а не од граѓаните.

Анѓушев македонската јавност ќе го памети потоа што додека тој ја извршуваше функцијата вицепремиер, неговите фирми често добиваа државни тендери, а исто така добија и грант од Фондот за иновации, од кој се откажа поради бурните реакции во јавноста и скандалот кој се предизвика.