Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, пред претставници на компаниите членки на регионалната комора од Штип и околината ги претстави измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и на предлог-законот за субвенционирање на придонесите за задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој само пред неколку дена е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Соодветно на последните податоци издадени од Заводот за статистика и Народна банка кои укажуваат на развивање на економијата во позитивна насока, а за тоа показ е растот на бруто-домашниот производ од 4,1 процент во првиот квартал и од 3,1 отсто во вториот квартал на 2019 година, Владата оцени дека е вистински момент, со дополнителни стимулативни мерки реалната економија, која е носител на економскиот раст, дополнително да се раздвижи.

„Разменивме мислење и посебно ставивме акцент на два закони кои се важни за економијата. Тоа е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто беше донесен мината година, а оваа година е изменет за да се олеснат условите и критериумите за стопанствениците. На барање на стопанството го изменивме и модифициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, така што дозволена е толеранција до 5%, во поглед на намалување на вработените во годината во која се аплицира, го проширивме опфатот на компании, вклучени се фирмите од информатичкиот сектор, како и фирмите што се регистрирани како трговски или некоја друга гранка, фирмите што се од земјоделството, доколку реализираат инвестиции во преработувачка индустрија. Така што Законот е за поддршка на индустријата. Затоа упатувам апел и повик до сите стопанственици кои ги исполнуваат условите, аплицирајте за овој закон и ќе бидете помогнати во своите инвестиции, искористете ги мерките, државата сака да помогне во делот на тоа што веќе сте го направиле како инвестиција, да ви врати дел од средствата, бидејќи средствата во буџетот се резервирани токму за таа намена“, истакна вицепремиерот.

Вицепремиерот со стопанствениците од Штипскиот Регион разговараше и за мерките планирани со Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кои исто така се произлезени како барање и потреба на стопанството.

„Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата е во фаза на разгледување, а очекуваме да биде донесен во парламентот и токму затоа бидејќи овој закон сè уште е во фаза на разгледување, пред да биде донесен во парламентот потребно и корисно е да слушнеме дополнителни сугестии и измени кои се секогаш добредојдени. Ова ќе биде апсолутно едноставна мерка, посебно во делот на апликацијата и на имплементација од страна на компаниите и нема потреба од никакви посебни апликации освен постојниот пин, затоа веруваме дека ќе побуди голем интерес, а ќе има уште поголем ефект. Овие средби и директните контакти и разговори со стопанствениците се посебно корисни затоа што вака може да видиме како да помогнеме во растот на економијата бидејќи јас лично ценам дека врз база на приватната инвестиција и приватниот сектор и стопанство може да се постигне реален, одржлив раст и долгорочен раст на економијата во државата, а ние сме целосно посветени на таа цел“, заврши вицепремиерот Анѓушев.

Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, ова е најпогодниот момент кога е економските показатели на земјата се во пораст преку една аргументира конструктивна дискусија заедно да се најдат најдобрите решенија за унапредување на стопанството, зголемување на економската активност на терен. Компаниите искажаа доверба кон предлозите коишто доаѓаат од економските ресори во Владата дека ќе се помогне стопанството и неговиот развој, потенцираше Азески.

Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, истакна дека општината ќе продолжи и понатаму да биде поддршка на бизнис-секторот како врска меѓу бизнисот и владата.

извор: Makfax