Бременоста предизвикува бројни физички и психички промени. Воодушевувањето кое е предизвикано од тестот за бременост за само неколку дена може да се промени во загриженост и несигурност, а тоа не се емоции со кои лесно може да се носат бремените жени. Умереното чувство на страв или загриженост е нормално во текот на бременоста со оглед на се’ она што ќе се случи во блиска иднина, но состојбата на анксиозност може да ги искомплицира работите.

Анксиозност во бременоста – симптоми и ризични фактори

Анксиозноста е природен одговор кога се чувствуваме несигурно или загрозено. Човекот секојдневно е опкружен со различни фактори што создаваат стрес, кој се заканува на неговата или на сигурноста на неговите најмили. Понекогаш сме загрижени поради нешто конкретно, а понекогаш загриженоста е нејасна, бидејќи е манифестирана преку чувство дека во секој момент ќе се случи нешто лошо.

Иако повеќе луѓе имаат слушнато за постпородилната депресија, постои и една друга состојба која може многу да влијае на бременоста. Се работи за анксиозноста која се јавува кај една од десет бремени жени во текот на бременоста.

Сосема е нормално жената понекогаш да се загрижи поради се’ она што ја чека во следните месеци, а самото размислување за породувањето и првите денови по него, ретко да не предизвика страв. Помеѓу останатото, поради бројни хормонални промени во текот на бременоста може да се јават и различни хемиски промени во мозокот кои може да ја влошат анксиозноста. Таа се јавува во различни облици. Кај некои жени симптомите се јавуваат како зголемен број на срцевите отчукувања, мускулна напнатост, губење на апетитот и потешкотии при спиењето.

Симптомите може да се јават и како загрижени мисли за иднината, неможност за контрола на негативните мисли и замислување на најлошите можни сценарија. Анксиозноста може да се манифестира и преку постапките и однесувањето (избегнување одредени ситуации, активности, места или луѓе).

Кај некои жени симптомите може да се искомплицираат и да се јават дури и панични напади.

Иако анксиозноста може да се развие кај секоја трудница, постојат одредени ризик фактори кои може да придонесат за нејзината појава, меѓу кои претходно доживеани трауми, употреба на психоактивни супстанци и секојдневен стрес.

Како да се победи анксиозноста во бременоста?

Благите случаи на анксиозност обично не бараат посебни третмани, иако би било добро на лекарот да му кажете доколку не можете да се справите со одредени емоции. Во потешките случаи, лекарот може да препорача дополнителни методи на лекување кои можат да бидат во форма на психотерапија со можна комбинација со лекови (во зависност од корисноста и ризикот од лекот за жената и детето).

Иако веројатно пријателите со добра намера често ви кажуваат дека треба да престанете да се грижите затоа што не е добро за детето, обично е полесно нешто да се каже отколку да се направи. Сепак, постојат многу причини зошто дефинитивно треба да се обидете да ја контролирате вашата вознемиреност (на пример, поради можноста за предвремено раѓање, мала тежина при раѓање и други фактори на ризик за развој на детето).

Секако би било добро да разговарате за вашиот проблем со анксиозноста со личност во која имате силна доверба. Важно е да му кажете на некого и да споделите дека чувствувате тешкотии. Едноставно споделувањето на мисли и чувства понекогаш може да биде доволно за да се спречат многу потешки состојби. Затоа, не двоумете се да побарате од вашиот лекар препорака за психолог или психотерапевт, кој ќе знае како да ви помогне да ја контролирате вашата вознемиреност и сè што доаѓа со неа.

Покрај тоа, обидете се да пронајдете одредени методи и начини за опуштање (прошетка во природа, џогирање или танцување) кои можат да ви помогнат да ги намалите стресот и вознемиреноста. Физичката активност соодветна на вашата состојба може да му помогне на телото да лачи повеќе ендорфин. Но, бидете внимателни при изборот на физичките активности и консултирајте се со доктор пред да започнете нова рутина за вежбање за време на бременоста.

Она што најчесто се занемарува е доволната количина на спиење. Иако квалитетното спиење за време на бременоста понекогаш изгледа недостижно, сепак треба да биде приоритет да се ублажат симптомите на анксиозност. Ако вашата вознемиреност е поврзана со самото породување и чувствувате страв од него, размислете за дополнителна едукација на оваа тема. Учењето за различните фази на породувањето и какви било промени во телото можат да помогнат да се создадат реални очекувања и да се намали стравот од породување. Исто така, ќе ви даде можност да споделите искуства со други жени кои минуваат низ истите грижи.

Запомнете дека не сте сами. Анксиозноста за време на бременоста е честа, но исто така многу индивидуална бидејќи секоја бременост е уникатна и различна од претходната. Но, не заборавајте да одржувате стабилна комуникација со луѓето на кои им верувате. Обидете се со техники и стратегии за управување со стресот и не откажувајте се сè додека не ги пронајдете мирот и стабилноста што ги барате, затоа што на овој начин најдобро ќе го обезбедите вашето здравје, но и здравјето на вашето дете.