Дури 66 отсто од Русите жалат поради распадот на Советскиот сојуз, покажа анкета што ја спроведе рускиот центар „Левада“, пренесуваат руските медиуми.

Според московскиот весник „Ведомости“, ова е најголем процент носталгичари за Советскиот сојуз, забележан во последните десет години.

Поголем број на оние кои жалат за Советскиот сојуз е меѓу испитаниците постари од 55 години, но во последните две години во пораст е и процентот на млади помеѓу 18 и 24 години што, како што вели директорот на „Левада“, Лев Гудков, се објаснува со фактот дека луѓето се незадоволни од сегашноста.

Како главна причина за таквото расположение, испитаниците го наведоа уништувањето на економскиот систем (52 отсто), губењето на чувството за припадност во моќна држава (36 отсто) и влошувањето на односите помеѓу луѓето од поранешните советски републики (31 отсто).

извор: Makfax