Граѓаните сметаат дека сега не е време за избори, а на прашањето за кого би гласале кога денес би се одржале парламентарните избори, предноста од 1,6 отсто е во корист на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од истражувањето на МКД.мк што го спроведе агенцијата Маркет вижно.

Подобрувањето на состојбата во епидемијата со коронавирусот го отвори актуелното политичко прашање дали е можно изборите да се одржат во јуни или јули, или пак е подобро да се чека редовниот термин за парламентарни избори во октомври. Двојно повеќе од анкетираните граѓани сметаат дека претстојните парламентарни избори треба да се одржат наесен (51,6%), отколку во текот на летото (21,6%).

Најголем дел од граѓаните се подготвени да излезат да гласаат на претстојните избори (64,6%). 14,3 отсто од испитаниците најавија дека ќе ги бојкотираат изборите. Со „не знам“ одговориле 16,6 отсто, а „не сакам да одговорам“ заокружиле 4,6 отсто од анкетираните граѓани.

Голем дел од граѓаните сѐ уште не знаат или не сакаат да откријат за кого ќе гласаат.

Меѓу определените гласачи повеќебројни се оние што ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ (14,6%). За СДСМ ќе гласаат 13% од определените гласачи. Меѓу македонското гласачко тело за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 21,5 отсто, а за СДСМ 14,2 отсто од определените гласачи. Кај гласачите на СДСМ бројот на Албанците поддржувачи на оваа партија е 6,6%. Од албанските партии на најголема поддршка може да смета ДУИ, со повеќе гласачи отколку сите други албански партии заедно.

Од помалите политички партии, рејтингот на Левица е во пораст.

Oд оние кои се определиле за една партија, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е од 3,9 отсто во корист на првата.

Телефонската анкета беше спроведена од 28 април до 5 мај на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници. Анкетирањето беше спроведено со употреба на CATI метод – телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 6% (+-3%); интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол и возраст во однос на процените за населението од Државниот завод за статистика од 2017 година. Поради споредливост на резултатите, албанската популација во примерокот е застапена со 22%.

Извор: МКД.мк