Денес оставивме 1.071 каранфил во знак на почит кон 1.071 починат од корона кои не се само бројка, туку луѓе, човечки судбини кои одат на нечистата совест на Зоран Заев и на најнеспобниот министер за здравство Венко Филипче. Бараме оставка од Венко Филипче веднаш и сега, изјави Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Зоран Заев и Венко Филипче се главните виновници затоа што сега пандемијата урива рекорди, затоа што сега болниците се полни, и затоа денес имаме 1.071 починат од корона. Филипче и Заев преставуваат закана за здравјето на граѓаните. Тие 1.071 починат, не се само гола статистика, не се бројка, тие се 1.071 се семејства завиени во црно. 1.071 семејство завиено во црно. 1.071 судбина, тоа се нечии родители, деца, браќа и сестри. Тие се луѓе од кои голем број можеби денес ќе беа меѓу нас доколку Филипче не беше толку неспособен и ги послушаше советите на ВМРО-ДПМНЕ уште на почеток на пандемијата. Но наместо разум Филипче покажа ароганција и надменост, и сето тоа за жал на штета на граѓаните, истакна Андоновска.

Таа додаде дека системот е трул,  за тестирање се чека и по неколку денови, а исто толку и за добивање на резултати.

– Додека пациентот да добие дијагноза тој веќе е во напредна фаза на болеста, а неговото здравје е сериозно загрозено. Овие 1.071 починат се и заради пренатрупаното здравство и немањето место во болниците. Филипче имаше цело лето да ги опреми овие капацитети и да ги оспособи за да може денеска да бидат сместени луѓе, да не шетаат од болница во болница или да бидат оставани дома. Сега имаме криза и хаос. А, жртва се граѓаните. Ова е најголемата трагедија која и се случува на Македонија по Втората светска војна. Македонија немала толкав број на починати, од ниту една болест, од ниту од било каков друг единечен фактор од Втората светска војна се до денес, потенцира Андоновска.

Таа нагласи дека ова е трагедија на нашата генерација за која е виновен Венко Филипче и Зоран Заев.

– Филипче, собери храброст и донеси вистинска одлука, направи го вистинскиот чекор. Имаш 1.071 причина да си поднесеш оставка. Направи го тоа сега. Спаси ја Македонија од нови жртви, рече Андоновска