Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција објави документи за кои тврди дека на нив се гледа јасно дека за набавка на вакцини се фаворизира една веледрогерија.

„Дали Венко Филипче и СДСМ во ек на пандемија мислат на свој личен профит и богатење на сметка на граѓаните на Република Македонија?

Дојдовме до информации и сознанија дека во 2019 година и 2020 година во тендерската документација за набавка на вакцини против сезонски грип, во делот на спецификација на тие вакцини се поставуваат услови и критериуми кои може да ги исполни само една компанија. Имено во тендерската документација во делот на спецификација на вакцините против сезонски грип е наведен критериумот вакцините да соодветствуваат за употреба на лица на возраст од 6 месеци и постари, и во двата случаи кога е наведен тој критериум тендерот го добива веледрогеријата Елбијор на Стојмир Петров, татко на сопругата на директорот на болницата „Осми септември“, Христијан Костов, рече Андоновска.

Таа додаде дека во 2017 и 2018 година, кога во делот на спецификацијата не е наведен критериумот вакцините да соодветствуваат за употреба од страна на лица од 6 месечна возраст и постари тендерот го добива друга фирма, и на повеќе фирми им е овозможено да учествуваат.

Оваа година, вели Андоновска, повторно во спецификацијата е наведен критериумот вакцините да соодветсвуваат за деца од шестмесечна возраст и постари.

Меѓудругото Андоновска која е и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ова се случува затоа што од ова има  бенефит лично министерот за Здравство.

„Во време кога се бара кревет повеќе во болниците, кога кадарот е изморен или недостасува, кога граѓаните умираат чекајќи да бидат тестирани или се приморани да плаќаат големи суми за лабораториски испитувања, Рентген, инфузии, лекарства, суплементи, замислете министерот за здравство има други приоритети, од кој само тој лично има бенефит. Веројатно Филипче не се грижи што вакцините за сезонски грип многу доцнат и нема да можат на време да ги добијат граѓаните кои имаат потреба од нив, но важно тендерот за истите да биде онака како што него и на малкумина околу него им одговара? Во ситуацијата кога има слободни термини за вакцини на деца до 6 годишна возраст и за истите воопшто нема интерес, која е оправданоста и потребата во спецификацијата за вакцини за сезонски грип, да се наведува критериум кој го исполнува само една компанија? Зошто немаше таква потреба во 2017, 2018 година? Праша Андоновска и побара одговор министерот Венко Филипче.

„Филипче, должен си да одговориш, колку деца од 6 месечна возраст примиле вакцина во изминатиов период?! – Еве ќе ти помогнам веднаш – Ниту едно! Зошто тогаш е потребен овој услов и дали свесно се става за критериум, за да тендерот го добие само една фирма?! Филипче, нели е ова е фаворизирање на економски оператор и ставање во надредена позиција над другите учесници на пазарот?Праша таа и додаде:

„Овде постои сериозен сомнеж за злоупотреба на буџетски пари на граѓаните на Република Македонија, постојат индиции за сериозен криминал, поради што го повикуваме ЈО да го истражи случајот и да не дозволи богатење на поединци врз грбот на граѓаните, згора на се во време на пандемија, кога како што реков секој денар е важен. Можеби со овие одвишок пари ќе се спасел нечиј човечки живот, наместо да се билдаат профити на фирми блиски до власта?

Додека го чекаме ЈО да постапи, Филипче да одговори:

Дали свесно и оваа година е направен тендерот по мерка на Елбијор на Стојмир Петров, дедо на директорот, Христијан Костов?!

Поважни ли се профитите на фирми на лицата блиски до власта, отколку здравјето на граѓаните во време на пандемија, кога секој еден денар е важен?!

Ова е сериозен скандал, за кој очекуваме одговор веднаш, истакна Андоновска на денешната прес-конференција.