Англиската црква соопшти дека ќе ги продаде акциите во нафтените и гасни компании кои не покажале конкретни резултати во борбата против климатските промени, објавија британските медиуми.

Од англиската црква посочија дека до 2023 година ќе ги повлечат вложувањата во компаниите кои досега не забележале конкретен напредок во исполнувањето на целите од Парискиот договор за климатски промени, објави Би-би-си.

Генералниот совет на Црквата на Англија ја усвои оваа одлука со 347 гласови „за“ и четири „против“.

„Резултатот од гласањето јасно покажува дека црквата мора да игра водечка улога по однос на важното прашање за климатските промени“, велат од англиската црква.

Сепак, рокот е поставен на три години подолго отколку што црквата првично сметаше, а тоа, според зборовите на портпаролката, треба да им овозможи на компаниите да покренат иницијатива за вистински промени.

извор: Makfax