Владата, претседателот и Собранието во Бугарија имаат единствен „монолитен“ став околу прашањето со Македонија, вели во интервју за бугарската национална телевизија, БНТ, претседателот на бугарскиот тим од мешовитата комисија за историски прашања, Ангел Димитров.

Тој како поранешен бугарски амбасадор во земјава оценува дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите од македонската страна, а ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

Претседателот на македонската комисија коментирајќи ги последните изјави на Димитров  вели дека во пресрет на средбата очекува дека членовите на Комисијата ќе се однесуваат професионално и академски.

Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо. Ако однапред се бараат оправдувања за неуспех на средбата тоа секако нема да придонесе кон реализација на нашите заеднички цели. Далеку е покорисно да дадеме личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да даваме еднострани политички толкувања и лични желби. Очекуваме плоден дијалог ослободен од политички притисоци и политички агенди со цел да придонесеме во градење на заемно пријателство, вели Ѓоргиев за Радио слободна европа

Утре и задутре комисијата треба да ја одржи 11-та средба.