x

Ангеловски: Славењето заврши, утре е нов натпревар, мислиме само на Естонија!

angelovski

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски на прес-конференцијата во Талин, ги искажа своите очекувања од натпреварот со Естонија утре.

Ангеловски рече дека славјето е веќе минато, и дека се е тргнато на страна, а фокусот е само кон утрешниот меч.

„Утре е нов натпревар. Емоциите завршија, славевме, откако успеавме во тоа што го остваривме. Сега сме фокусирани на овој натпревар, и веднаш почнавме да се подготвуваме. Јас очекувам да го дадат максимумот играчите и да направат добар резултат“, изјави Ангеловски.

На прашање што придонесе Македонија да игра финале во Лига на Нации, и да биде на чекор на Европско првенство, Ангеловски коментираше:

„Квалитетот на играчите го донесе успехот. Јас сум горд што работам со овие момци. Јас верувам во нив, и тие го покажаа квалитетот, и сите резултати се како што рековте во последните три години“, изјави Ангеловски.

Тој рече дека сега никој не размислува за финалето со Грузија, туку само кон Естонија.

„Ние сме сконцентрирани за утре. Секој меч е важен, ние не се фоксуираме кон Грузија, туку само на Естонија. Стартувавме добро во оваа Лига на нации, моментално први, и утре влегуваме да ги освоиме трите бода и да продолжиме да останеме на тоа прво место, и овие мечеви да ни послужат како еден вид како една подготовка за 12 ноември. Но, верувајте тоа веќе е ставено на страна, и сите мораме да мислиме само на утре“, изјави Ангеловски кој даде свој коментар за повредените играчи:

„И во минатото имавме проблеми со повредени фудбалери, но сите кои се тука се ставаат во функција на тимот, можеби дел од овие играчи играле на неприродна функција, но секогаш давале се од себе да дојдеме до добар резултат. Очекувам повторно тимот да го надополни секој недостаток кој го имаме во екипата“, вели Ангеловски.

Добро е скенирана играта на Естонија, а Ангеловски гледа на нив со респект.

„Ги следев Естонија, ги респектирам, имаат добар тим, загубија два меча во Лига на Нации, но е добар противник. Ги респектираме, но нормално веруваме во нас, и ние сме подготвени и ги имаме сите информации за Естонија“, заврши Ангеловски.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата