Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, истакна дека пристигнувањето на бебето целосно им го променило животот на неа и на нејзината партнерка Милица Ѓурѓиќ и дека ќе ја прослави Новата година само со нив двајца. Меѓу другото, таа вели дека е горда што е во тимот на српскиот претседател и лидер на напредњаците Александар Вучиќ, од кого учи секој ден.

„Сè се смени, сè е поинаку. Тоа е најголемата радост што ми се случи во мојот живот“, рече премиерката Брнабиќ во интервју за „Курир“ за пристигнувањето на бебето во заедничкиот дом, каде што живее со партнерката.

Таа со нетрпение ја очекува новогодишната ноќ, бидејќи вели дека ќе ја помине со семејството.

„Ќе бидам дома. Ова е прва Нова година на Игор, имаме елка и подароци и многу се радувам што ќе бидеме заедно“, вели Брнабиќ.

На прашањето колку зборува за политиката со својата партнерка, таа вели дека Милица е нејзиниот најголем критичар.

„Таа е мојот најжесток критичар. Многу е искрена и директна, што ми помага да останам со двете нозе на земја. Ѝ недостасува нашиот претходен живот и јас сум неизмерно благодарна за нејзината лична жртва што ја направи откако влегов во политиката, поради што изгубивме огромен дел од нашата приватност“, истакнува таа.

Премиерката е толку зафатена што речиси нема слободно време, а и кога го има главно го поминува со семејството и пријателите.

извор: Makfax