Во финална фаза е предлог-законот за амнестија на лицата кои не вршеле насилство на 27 април, а го подготвува независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Неофицијално, во предлогот ќе се бара еден вид на преквалификација на делото за дел од обвинетите, но се уште се прават консултации со правни експерти, брифираат од оваа пратеничка група. Своите предлози осумте пратеници ќе ги презентираат во среда на првиот состанок на Координативното тело за помирување и интеграција.

Од СДСМ велат дека тие немаат намера да поддржат амнестија на насилниците и на нарачателите на крвавиот четврток, но расположени се да ги слушнат предлозите за аменстија кои ќе ги испорача телото за помирување.

„Ставот на пратениците од СДСМ е јасен: Одговорност за насилството на 27 април мора да има. Не смее и не може да има амнестија за оние коишто планирале, нарачале и извршиле насилство на 27-ми април“, рече Костадин Костадинов од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, единствената партија која не учествува во Телото за помирување, денеска во Собранието образложија дека за нив само целосна амнестија за сите учесници во настаните на 27 април би значела национално помирување.

„Доколку Зоран Заев и парламентарното мнозинство навистина и искрено сакаат национално помирување како тоа што беше напоменато токму од оваа говорница тоа можат да го направат со поддршка на овој закон за амнестија. Овој закон предвидува вистинско национално помирување за сите оние кои што учествувале во настаните за 27-ми април, a не селективно помирување како што сакаат да направат премиерот Зоран Заев и парламентарното мнозинство преку т.н. Комисија за помирување“, рече Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Со 25 гласа „За“ и 59 „против“, предлог-законот за амнестија поднесен од ВМРО-ДПМНЕ беше отфрлен.

извор: Makfax