Авион „боинг 767-300“ на најголемата американска и светска авиокомпанија „Американ ерлајнс“ со 197 патници пристигна утрово на аеродромот во Дубровник, на првиот редовен директен лет од САД до Хрватска од осамостојувањето на земјата во 1991 година, објави агенцијата „Хина“.

Директната редовна линија ќе ги поврзува Филаделфија и Дубровник три пати неделно во периодот од јуни до септември, а во текот на септември и четири пати неделно.

Филаделфија е најголемиот центар во североисточниот дел на САД со повеќе од 420 дневни летови на повеќе од 120 дестинации низ САД, Канада, Мексико и Карибите.

Дубровник е една од најатрактивните туристички дестинации во Хрватска, а популарноста на овој град дополнително се зголеми поради тоа што во него се снимани сцени од популарната ТВ-серија „Игра на тронови“.

извор: Makfax