Од 19 до 21 август градот Охрид ќе биде домаќин на возобновениот кошаркарски турнир на кој своето учество го потврдија најдобрите селекции на Бугарија, Босна и Херцеговина, Универзитетската екипа на САД и домаќинот Македонија. Охриѓани по подолго време ќе имаат убава прилика да видат квалитетни игри, посебно што Бугарија и БиХ се подготвуваат за претстојното Европско првенство во Србија и Црна Гора, кон крајот на септември. Турнирот македонските кошаркари ќе го искористат како подготовка за решавачките натпревари во својата група, во дивизијата “Б” барајќи ја шансата за враќање меѓу европската елита. За време на турнирот во Охрид ќе се одржи и семинар за кошаркарски тренери од Македонија, а се очекува во улога на предавач да се појави Македонецот од турско потекло, Махмут Октај, кој со Ефес Пилсен неодамна го освои првенството на Турција. Најавено е и присуство на генералниот секретар на ФИБА Европа Нар Занолин, како и спортскиот директор Коста Илиев. Во планот на подготовките на македонската репрезентација, селекторот Јорданчо Давитков, овој месец имаше зацртано собир на кошаркарите и одржување на повеќе тренинзи, како вовед во она што неговите избраници ќе ги очекува од 3 август, кога и официјално стартуваат подготовките. Меѓутоа, бидејќи одредени национални првенства во Европа каде играат Македонци се уште не се завршени, Давитков се откажа од ваквиот собир, давајќи им шанса на играчите што е повеќе можно да се одморат од напорната сезона. (С.Т.)