„Волстрит џурнал“ (WSJ) пишува дека „Американ Медиа“, издавачот на таблоидот „Нешнл инквајерер“, платил 200 илјади долари со цел да добие интимна преписка меѓу извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос и неговата љубовница Лорен Санчез.

Издавачот на овој таблоид, наводно, оваа сума ја исплатил на Мајкл Санчез, брат на Лорен, објави агенцијата АП.

WSJ наведува дека ова откритие, кое весникот им го препишува на извори запознаени со целата ситуација, се совпаѓа со заклучокот на приватните инспектори кои работат за Безос на овој случај од почетокот на февруари.

Истражувачите на Безос наводно откриле дека Мајкл Санчез ја препратил преписката од својата сестра на редакцијата на „Инквајерер“, но изгледа не можеле да утврдат кој конкретно платил за неа.

Безос претходно објави дека од „Американ Медиа“ му се заканувале со објавување на експлицитни фотографии доколку не престане да истражува како „Инквајерер“ дошол до неговите приватни пораки и јавно соопшти дека известувањето на таблоидот за него не било политички мотивирано, додава агенцијата АП.

извор: Makfax