Од неодамна на територијата на Скопје, Куманово, Гостивар, Тетово, Охрид и Струга екпериментално почна да зрачи телевизијата “Алсат-М” која доби национална концесија и ќе биде резервирана да емитува програма претежно на албански јазик. Телевизијата која се очекува со редовна работа да почне за три месеци, ќе емитува програма со информативно – забавен и едукативен карактер, со што неговите сопственици се надеваат дека ќе внесат нов квалитет во медиумското претставување. Како што изјави за “Вечер” директорот на “Алсат-М”, Миљаим Фетаи, телевизијата е петтата во земјава којашто поседува концесија на национално ниво и има обврска за една година да покрие 70 отсто од населението на државава. Нејзин сопственик е бизнисменот од Гостивар, Веби Велија кој ја поседува тиранската телевизија “Алсат” која емитува 24-часовна програма преку сателит за околу 10 милиони гледачи во Албанија, Македонија, Косово и Европа. Сигналот им стигнува и до Блискиот Исток и до поголем дел од Северна и Јужна Америка. Фетаи вели дека “Алсат-М” ќе емитува автохтона програма на албански и македонски јазик, со титлувани преводи на двата јазика, со што ќе биде достапна за сите жители во Македонија. Седиштето на телевизијата е во индустриската зона Визбегово каде веќе се опремуваат студија за дебатни емисии, за организирање на шоу програми и за читање вести. Се планира во телевизијата да работат стотина луѓе.


Светлана БЛАЖЕВСКА