Само за една недела од 8 декември до вчера до 22 часот на линијата за здравствен совет се јавиле 722 лица и се советувале за разни здравствени проблеми.

Во кол центарот достапни за здравствен совет се 22 доктори, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија. На сите лица кои се јавија на телефонската линија „Ало докторе”, им е дадена медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија, соопштија од Здравствен дом – Скопје.

Како што информираат од Здравствен дом-Скопје најчесто јавувањата на телефонската линија, се за медицинска помош со широк спектар. Сепак најмногу се бара совет за кардиоваскуларни и респираторни симптоми, најчесто за зголемен крвен притисок, проблеми со зголемена телесна температура, кашлица, настинки и симптомна болка.

Секој ден од 18 до 22 часот во кол Центарот „Ало докторе” за медицински совет се дежурни и достапни за здравствен совет директорите на јавните здравствени установи. Денеска од 18 до 22 часот дежурен ќе биде доктор Илијаз Исмаили, директор на Клиниката за очни болести, а утре доктор Ленче Неловска од Геронтолошкиот завод „13 ноември”.

На 17 декември дежурен на линијата ќе биде доктор Мендух Јегени, директор на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, на 18 декември доктор Живка Јордановска од Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, на 19 декември доктор Оливер Зафировски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, на 20 декември доктор Идриз Неџипи од Психијатриска болница Скопје, а на 21 декември доктор Оливера Давчева од ЈЗО Здравствена станица Железара Скопје.