Двократниот шампион во Формула 1, Шпанецот Фернандо Алонсо, смета дека има големи шанси за освојување на титулата во новата сезона. Тој за прв пат го проба новиот болид на италијанскиот тим (Ф138) на патеката “Каталуња” во Барселона и изрази задоволство од неговиот потенцијал. Шпанецот смета дека се уште има на што да се работи, но изјави дека Ферари многу напредувал во споредба со минатата година.
– Новиот болид ги исполнува моите очекувања. Може да се каже дека е продолжение на болидот што го возев на последната трка минатата сезона во Бразил. Челниците прават се за да бидеме меѓу лидерите во новата сезона, а јас верувам дека сезонава ќе имам доволно конкурентен болид за да ја освојам титулата, изјави Алонсо.