Превирањата во Управниот одбор на Комерцијална банка не стивнуваат. Откако членството, буквално, се подели непосредно пред Нова година кога на дневен ред се најде смената на тогашниот прв човек на Банката, Драгољуб Арсовски, и назначувањето на старо-новиот директор Хари Костов, работите на ова поле не се смируваат. Како што неофицијално дознаваме, сериозно се подготвува оставката на еден од поголемите акционери на Банката “Алкалоид” од членството во Управниот одбор на Комерцијална банка. Во банкарските кругови се зборува дека претставникот на “Алкалоид” во УО на Банката, Цветанка Симоновска, завчера имала и неколкучасовна средба со Хари Костов на која тој се обидел да ја убеди дека таков потег не би било добро да се повлече, но дека таа сепак на првиот човек на Комерцијална банка поради несогласувањата со работењето на УО му ја ковертирала оставката. Оставката, како што се зборува, се уште не е прифатена, но се уште останува во игра се до конечното средување на работите на линија менаџмент на “Алкалоид” и на Комерцијална банка. Рашомонијадата на релација “Алкалоид” – сегашен директор Костов, наводно почнала на седницата на која требало да се гласа за оставката на Арсовски, на која, како што е познато, воопшто не ни дошла Симоновска како претставник на “Алкалоид”, поради тоа, како што неофицијално се зборува, што “Алкалоид” не се согласувал со ваквата смена на врвот на Банката. Во моментов УО на Комерцијална банка функционира со осум члена, од кои претставник на “Европа”, на Цементарница “Усје”, на “Скопски Пазар”, кој е и претседател на УО, “Витаминка”, “Карпош” , а во Одборот е и професорот Михаил Петковски и вториот генерален директор на Банката, Лазар Цветковски, кој го застапува капиталот на вработените. Претставникот на Европската банка е назначен на нова функција, а до изборот на нов претставник на наредното акционерско собрание ЕБОР во Управниот одбор го претставува Елена Урумовска, претставничка на Банката во Македонија која нема право на глас. Ако се случи и “Алкалоид” да го реализира повлекувањето од Комерцијална, Управинот одбор ќе остане со само седум члена. Сепак, конечното повлекување на “Алкалоид” од управувачкото тело на најголемата наша банка е ставено на “стенд-бај”. Според наши извори, ќе се направат последните тактички чекори од двете страни за задржување или промена на распоредот на силите во Одборот. Од видот на компромисот ќе зависи дали оставката ќе се активира или повлече, што, најверојатно, ќе се знае до првото акционерско собрание на Банката.


Весна М. БОЖИНОВСКА