Ако пред точно три години, “Алкалоид” успеа да ја продаде првата лиценца за лекот “кафетин”, чекор со кој би можеле да се гордеат и да го посочат малкумина, оваа година најреномираната македонска фармацевтска куќа прави нов сличен продор. “Почнува соработка со Босанската фамацевтска компанија “Фармавита”, на која “Алкалоид” и ги продаде лиценците за локално производство на десет свои познати брендови”, вели заменик-претседателот на Управниот одбор Живко Мукаетов.
Во денешни услови на интензивен технолошки развој и голема пазарна конкуренција компаниите во светот се принудени на постојано вложување во своите производствени процеси. Според Мукаетов, “Алкалоид” низ своето дејствување се увери во исправноста на ова есенцијално правило за успешно работење според принципите на високо развиените светски пазари.
“Со зголемувањето на економската конкурентност на компаниите, сопствените инвестиции, особено инвестирањето во напредната производна технологија и софтвер, кој би ги интегрирал производствените и маркетиншките активности – стануваат обврска и неопходност за секоја успешна компанија. Со инвестициите кои “Алкалоид” неодамна ги заврши, а кои само во 2005 година изнесуваа седум милиони евра, компанијата всушност инвестираше во зголемување на своето ниво на конкурентност, подигање на ранг на светски признат фармаевтски производител. Тоа всушност го докажавме и на неодамна одржаниот светски саем на фармација во Мадрид. Стекнувањето на меѓународна пазарна конкурентност е предизвик и можност на која “Алкалоид” е спремен да одговори”, нагласува Мукаетов. Потврда за тоа дека целокупното одвивање на производствениот процес, од влезот на суровините во фабриката до излезот на готовиот производ се одвива во согласност со светските водечки норми за производство на фармацевтски производи, беа неодамна извршените проверки на капацитетите на “Алкалоид-Фармација” од страна и на неколку странски фармацевтски законодавни инспекциски служби. “Извршената проверка од страна на инспекциските служби на Романското министерство за здравство потврди дека производството и контролата на лековите во двете фабрики на “Алкалоид-Фармација” се одвива во согласност со највисоките стандарди и со нормите за добра производствена практика во земјите на ЕУ. Врзано со апликацијата на препарати наменети за продажба на пазарот во Република Бугарија, “Алкалоид” беше посетен од страна на Агенцијата за лекови на Република Бугарија, со која се потврди комплементарноста на фабриките за цврсти дозни форми и полу синтетски цефалоспорини, а успешно беше спроведена и проверката од страна на американската мултинационална компанија Фајзер, за која “Алкалоид” веќе долги години претставува партнер од избор”, објаснува Мукаетов, потенцирајќи дека наскоро се очекуваат проверките од страна на инспекциските служби на Министерството за здравство на Кралството Јордан и на Велика Британија.