Согласно својата стратешка определба за ефикасно и квалитетно производство, “Алкалоид” неодамна изгради и опреми оддел за пакување на лекови согласно нормите за Добра производна пракса. Тој е екипиран со две нови линии: за пакување на цврсти форми (таблети, дражеи и капсули), како и линијата за пакување на ампули. Вкупната вредност на оваа инвестиција е околу 4,5 милиони евра. “Со цел да се подигне степенот на автоматизација инсталирамве и нова линија за раствори за орална употреба вредна 600.000 евра. Имајќи ги предвид строгите норми за добра производна пракса, а во рамките на инвестициониот проект за нов погон за пакување на лекови, “Алкалоид” адаптира и преуреди нов простор за чување на полу-производи (интермедиери) со што во голема мера е добиено во брзината и ефикасноста”, објаснува заменик-претседателот на Управниот одбор, Живко Мукаетов.
Примарната грижа и акцентот на работењето на “Алкалоид”, според него е насочено кон обезбедување на висококвалитетен финален производ кој потполно ќе ги задоволи потребите на пациентите. За таа цел, се лоцирани значајни средства во контролата и обезбедувањето на квалитет. “Тука е инвестицијата од 1, 2 милини евра во современа микробиолошка лабораторија, а неодамна беа вложени 500.000 евра за нова хемиска лабораторија за контрола на меѓупроизводи и готови фармацевтски производи – специјален магацин за хемикалии,за стабилност, физичко-хемиска лабораторија, за хроматографски техники….”, објаснува Мукаетов. Според него, зголемувањето на економската конкурентност на компаниите, сопствените инвестиции, особено во производна технологија и софтвер кој би ги интегрирал производните и маркетиншките активности, стануваат обврска и неопходност за секоја успешна компанија. “Со инвестициите кои “Алкалоид” неодамна ги заврши, а кои само во 2005 година изнесуваа 7 милиони евра, компанијата всушност инвестирала во зголемување на конкурентност. Стекнувањето на меѓународна пазарна конкурентност е предизвик и можност на која “Алкалоид” е подготвен да одговори”, вели тој. Со инвестициите кои најреномиранаиот македонски производител на лекови ги започна во 1996 година ( над 18 милиони евра) оваа компанија е чекор поблизу до семејството на најконкурентните светски признати производители на лекови. (Р.Н.)