Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ја прифати оставката на министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, се вели во соопштението објавено од неговата канцеларија кое го објави грчки „Катимерини“.

Премиерот му се заблагодари на Коцијас за неговиот придонес кон Владата и земјата во изминатите 3,5 години, се додава во соопштението.

Во соопштението исто така се посочува дека сега премиерот Ципрас ќе го преземе Министерството за надворешни работи со цел да може во целост да се заврши спроведувањето  договор за името потпишан од страна на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, поднесе оставка еден ден по тензичниот состанок во кој се судри со министерот за одбрана, Панос Каменос, поради договорот од Преспа, објави „Катимерини“.

Извори за грчкиот весник „Катимерини“ тврдат дека Коѕијас бил незадоволен поради тоа што премиерот Алексис Ципрас не го поддржал во нападите против него упатени од Каменос, кој е исто така коалициски партнер.

Според истите извори, за време на состанокот што бил одржан вчера Каменос го обвинил Коѕијас за лошо менаџирање на одредени тајни фондови во Министерството и дека бил човек на американскиот билионер Џорџ Сорос.

извор: Makfax