И додека на владата предводена од СДСМ око не и трепнува за Преспанското езеро, парламентот во Албанија во текот на вчерашната седница расправаше за изнаоѓање решение како да се спаси губењето на водата и како да се избегне катастрофа на второто најголемо езеро во Македонија.

-Преспанското Езеро ги спојува териториите на Албанија, на Македонија и на Грција и претставува проблем што ги зафаќа сите три држави што го делат брегот на езерото и треба да се преземат заеднички активности за да се забави оваа природна непогода, вели Васил Стерјовски, пратеник во албанскиот парламент.

И покрај укажувањата од страна на еколошките здруженија и месното население како и посетителите, дека состојбата во која се наоѓа Преспанското езеро веќе подолго време е алармантната, властите сепак воопшто не покажуваат интерес да изнајдат решение за спас на Преспанското езеро.

– Како ќе го оправдате молкот и непреземањето апсолутно ништо, при ваквата катастрофа што му се случува на Преспанското Езеро, го прашаа од еколошкото здружение „Еко герила Преспа“ Министерството за животна средина, пренесува Слободен Печат.

Тие потсетија дека последната објавена активност на Министерството за животна средина поврзана со состојбата на Преспанското езеро била во февруари, кога Министерството најави дека „ќе се заложи да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување номинации од земјите членки: Македонија, Албанија и Грција“.

„Во врска со намалувањето на нивото на водата во Преспанското езеро, Минитерството информира дека во периодот од февруари до денес се случија неколку настани: пандемијата со корона вирусот, вонредните парламентарни избори кои негативно влијаеја во идентификацијата на проблемите во Преспанското езеро и во изнаоѓањето решенија“, се вели во одговорот што „Слободен печат“ го доби од Министерството за животна средина на прашањето што е преземено досега од најавените активности за спас на Преспанското езеро и што од најавеното досега е реализирано.

Во врска со оваа катастрофа која му се заканува на Преспанското  езеро, на нејзиниот фејсбук профил реагираше и Надежда Апостолова, факултетски професор по биомедицински науки:

„Последниве денови интензивно зборуваме за ситуацијата со Преспанското езеро која е крајно загрижувачка. Мислам дека е апсолутно непотребно и дури глупаво да се препукуваме на што се должи намалувањето на нивото и што треба итно да се преземе. За првото нема точен одговор и веројатно е комбинација од природни и антропогени фактори, а за второто не сме експерти (барем повеќето од нас). Исто така не е продуктивно да се сведува само на политика бидејќи сите влади во последниве 30 или 40 години откако почна да се намалува нивото на езерото според мене не направија ништо да ја подобрат ситуацијата. Сега е дојдено до критично ниво и оваа Влада или ќе направи нешто или ќе го изгубиме езерото“, се вели во објавата на професорката во која се наведуваат и причините за губење на водата.

-Еве кои се причини беа наведени во Групава од разни членови, да резимирам и да имаме појдовна точка.

1. Грците го празнат езерото.

2. Има мали хидроцентрали кои не дозволуваат водата да се влева во езерото од притоките.

3. Сериозна и долготрајна суша.

4. Зголемено испарување заради покачувањето на температурите односно климатски промени.

5. Геохидролошки промени во подземните карстни канали преку кои од Преспа водата истекува во Охрид. 6. Исрцрпување на водата од езерото и подземните води близу езерото со цел на наводнување на земјоделски површини, се вели во објавата.

Вчера градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски на Фејсбук се пофали дека имал средба со министерот за животна средина Насер Нуредини, но не кажа ништо конкретно какви и дали ќе се преземат соодветни мерки за да спречат катастрофа на второто најголемо езеро во Макаедонија.

„Денес остварив средба со Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Средбата беше иницирана поради водостојот на Преспанското Езеро како и забрзување на постапката за донесување на План за управување со СП Преспанско Езеро.

На средбата беше договорено зголемување на активностите на сите институции и интензивирање на меѓугранична соработка за одржливо управување со водите на Преспанското Езеро“, напиша на фејсбук градоначалникот Гошаревски.