Акционерите во Македонија имаат се повеќе доверба во финансиските институции. Тие имаат се поголема свест за своите акционерски права, но не прават ништо во врска со тоа да ги искористат. Кај нив расте довербата во малите и средни претпријатија, а опаѓа во големите компании. Ова го тврдат аналитичарите од Проектот за корпоративно управување врз основа на третото по ред истражување на акционерските права и довербата во финансиските институции, која во континуитет се спроведува од 2003 наваму. Ова вчера го презентираше д-р Томас Патрик Карсон, експерт на УСАИД. Опсегот на испитаници од 255.070 акционери во државата во ова последно истражување е 1000 и оттаму се влечени следниве заклучоци: Најголема доверба како институција кај акционерите ужива Пензискиот фонд од 67 проценти од прашаните, но таму довербата ни расте ни се намалува во последните три години. Најмногу пораснал рејтингот на Централната монетарна власт и на Македонската берза, а акционерите најмалку им веруваат на работничките синдикати. Околу 28 отсто од акционерите се осознале дека може или треба да учествуваат на акционерско собрание, а се посвесни се дека имаат право да бидат известени и за материјалните промени во фирмата. Акционерите се уште во најголем број (78 отсто од испитаните) ги чуваат, односно не се решаваат да ги продадат своите акции од компаниите, а едвај 1 отсто вложуваат во други компании, најмногу во девет различни друштва. Најмногу акционери во Македонија се средновечни луѓе од 45 до 59 години, а најмалку на Берза “играат” младите од 18 до 29 години. Оние што ги продаваат своите акции, го продаваат зашто им требаат пари, за лечење или други егзистенцијални потреби. Скромно, но константно расте и довербата во единствената нивна асоцијација “Акционер”.
Она за што немаа доволна аргументација презентерите на Проектот, е како може да опаѓа довербата на акционерите кај големитекомпании, кога токму на Берзата, односно на пазарот на капитал најмногу се вложува и се тргува токму со нивните акции. Инаку ова, според Томсон, е единствено вакво истражување во регионот во изминатите 10 години, така што е неможна некоја посериозна компаративна анализа за акционерските права во опкружувањето.


Виолета ЦВЕТКОВСКА