Акциите на банките во фокусот на интересот
Околу 70 милиони евра беа свртени во мај на Македонската берза за хартии од вредност, што е втор по големина промет, годинава, по априлскиот кој беше повисок за 10,2 проценти. На официјалниот пазар во мај во 12.204 трансакции беа истргувани 3.365.761 акција за што беа платени 2,8 милијарди денари. Реализирани беа и повеќе блок трансакции во кои беа продавани хартии од вредност на Тутунска, Македонска и Универзална Инвестициона банка, како и на кондиторската фабрика “Европа”.
Берзанските трговци во мај најмногу ги купуваа акциите на скопска “Топлификација”, “Комерцијална банка”, “Алкалоид”, “Гранит”, велешки “Жито Вардар”, ГП “Маврово”, “Макпетрол”, битолска “Стопанска банка”, “Макстил” и на скопски “Фершпед”. И во мај најмногу вредеше акцијата на шпедитерската компанија “Фершпед” која достигна износ од 430.000 денари.
По воведувањето на новите правила на тргување пазарот на капитал на Македонската берза се стабилизира. Така изминатава недела беше реализиран промет на сите пазари од 10,2 милиони евра. Ова е за 30 проценти повеќе во однос на претходната недела кога беа истргувани 7,3 милиони евра. Но, берзанските аналитичари потсетуваат дека поради празниците берзанската недела беше пократка за два дена. Во текот на изминатата недела паѓаше и берзанскиот индекс, кој во петокот достигна до 7.046,15 поени што претставува опаѓање за 1,14 проценти.
На официјалниот пазар, минатата недела најмногу се тргуваше со акциите на “Комерцијална банка”, “Жито Лукс”, “Алкалоид”, “Лотарија на Македонија”, РЖ “Институт”, “Макстил” и на “Фершпед”. На редовниот пазар во фокусот на интересот на купувачите беа акциите на “Митал Стил”, “Аутомакедонија”, “Велеспром” и РЖ “Интер-Трансшпед”. Неделава беше извршена и една блок трансакција во која беа продадени 496 приоритетни акции на НЛБ Тутунска банка, по цена од 12.500 денари за една хартија од вредност. Купувачот за пакетот акции платил 6,2 милиони денари, со што стана сопственик на 0,07 проценти од основната главнина на банката.
Покрај промените на Македонската берза, забележан е благ пад и на европските берзи, каде исто така паѓаат цените на акциите. Лондонскиот индекс ФТСЕ ослабе за 0,07 проценти, на 6.602 поени, а вредноста на франкфуртскиот ДАЏ се намали за 0,2 проценти. Единствено берзанските рекорди се уриваа на американските берзи што, пак, се должи на реализираните добивки на нафтените и градежните компании.
Валентина МАРЈАНОВИЌ