Акцизни стоки само на Богородица за да се спречи шверцот
“Одлуката прометот на акцизни стоки меѓу Македонија и Грција во иднина да се врши само преку граничниот премин Богородица – Идомени, нашиот јужен сосед ја донесе по сугестија на македонската страна, а тоа пред се како резултат на аферата која ја отворија грчките медиуми за шверц на цигари и евазија на големи даночни приходи во нивниот национален буџет”. Ова вчера го изјави првиот човек на Царинската управа на Македонија, Илија Илоски, а како реакција на информацијата која беше пласирана од нашиот јужен сосед дека ограничувањето на прометот на ваквите стоки само преку еден граничен премин е поради неопременоста на македонските царински служби за спречување на шверцот на акцизни стоки.
Првиот цариник појасни дека уште во септември 2003 година билатерално двете страни се договориле прометот на акцизни стоки да се одвива само преку еден премин и тоа не поради неопременоста или немање капацитет на едната или другата страна, туку поради зајакнување на 24-часовните контроли и најдобра инфраструктурна опременост токму на најфреквентниот граничен премин.
Меѓутоа, лани во септември од Грчка страна дошло до еднострано напуштање на овој договор и нашиот сосед им дозволи на своите компании акцизните стоки да се царинат и на премините Меџитлија и Дојран, а за што нашата страна не била ни официјално известена. Иловски посочи дека тој во директните контакти укажал дека билатералните договори не можат да се раскинуваат еднострано и повторно предложил да се вратат на старото решение. Во меѓувреме дојде до аферата со шверц на цигари и буџетска евазија во Грција, а вчера била добиена и информација дека Грчката Влада донела одлука да ја прифати нашата сугестија. (С.Бл.)