Министерството за земјоделство во наредниот период посебно внимание ќе посвети на преработувачкиот сектор, кој треба да биде катализатор на кооперативното здружување и главен фактор во прибирање на пазарните вишоци од овошје и зеленчук во Македонија. Ова беше нагласено на средбата во Струмица на членките на потсекторските групи за овошје и зеленчук, на која беа разгледани тековните програми за поддршка, а на која учествуваше и министерот за земјоделство, Љупчо Димовски.

Министерот Димовски истакна дека овие средби со подсекторските групи добра можност за директна комуникација на производителите и преработувачите, како важна алка во синџирот на македонскиот аграр. Инаку, средбата се одржа во организација на Министерството за земјоделство, АгБиз програмата на УСАИД и ЦеПро САРД.
– Убаво е што на почетокот од оваа реколтна година, претставниците на подсекторските групи за овошје и зеленчук на ваквите средби директно учествуваат во креирање на финансискиот дел од двете програми за поддршка на земјоделлството во Македонија. Предлозите кои доаѓаат од овие подсекторски групи се добредојдени во подготовката на програмите за периодот од 2014 до 2017година, а воедно се коректор на програмите за оваа година – рече Димовски.

Во делот на преработувачкиот сектор, рече Димовски, оставаме простор за договор помеѓу производителите и преработувачите, кои одлучуваат и за висината на субвенциите по килограм продадено и преработено производство.