Активистите за климатски промени кои планираа да ја нарушат работата на лондонскиот аеродром „Хитроу“ со дронови, беа разочарани рано утрово бидејќи уредите не успеаја да полетаат и најголемиот аеродром во Европа продолжи да работи како и обично.

Групата „Хитроу Паус“ имала за цел да ги приземји летовите со помош на илегални беспилотни летала на пет километри од аеродромот, за да изврши притисок врз владата да преземе поостри чекори за намалување на емисијата на јаглерод.

Но, од аеродромот соопштија дека акцијата не влијаела на летовите, пренесува „Ројтерс“.

„Сообраќајот не е нарушен. Пистите и патиштата функционираат“, рече портпаролката на аеродромот Хитроу.

Полицијата уапси двајца мажи на аеродромот во петокот под сомнение дека планирале да извршат јавно попречување во функционирањето на аеродромот, а пет други лица беа уапсени во четвртокот по истите основи.

извор: Makfax