На странците кои само транзитираат низ Република Северна Македонија, властите им даваат вкупно 5 часа да стигнат од еден и да ја напуштат државата на друг граничен премин, независно од гужвите кои ќе се создадат кога Грција ќе ги отвори границите на први јули. Вообичаено, летно време низ државава транзитираат во најголем број граѓаните од Србија.

Но, изјавата што би ја дале и потпишале на „Табановце“ на пример, не смеат да ја загубат по пат, зашто нема да може да излезат од „Богородица“ кон Грција.

„Според протоколот изготвен од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи, странците кои ќе транзитираат низ нашата држава се обврзуваат да влезат на еден граничен премин и во рок од пет часа да излезат на друг граничен премин. Притоа, на влез треба да пополнат изјава, која ја предаваат на излез од државата. Странските државјани кои транзитираат имаат право да ги користат услугите на бензинските станици на нивната рута, но со задолжително почитување на сите протоколи со цел спречување на внесувањето и ширењето на Ковид-19, се вели во објавата за правила на Министерството за внатрешни работи.

Проблемот е ако се изгуби изјавата.

„Непочитувањето на Протоколот , односно губењето на изјавата или непочитувањето на рутата може да има за последица лицата кои транзитираат низ територијата на РС Македонија да бидат упатени во државен карантин, со цел да се контролира нивната здравствена состојба. Исто така, напоменуваме дека на странските државјани кои ќе транзитираат низ територијата на РС Македонија нема да им биде баран валиден ПЦР тест“, предупредува полицијата.

МВР појаснува дека странците, од кои најбројни се Србите, кои само ќе транзитираат низ Македонија, ќе имаат право да застануваат на одморалишта по автопат или на бензинските пумпи, но не смее да го напуштат, да свртат од автопатот на кои потпишале изјава дека ќе патуваат. Најверојатно ќе има контролни пунктови на кои може да се исклучат, на пример кон Куманово, Скопје, Велес, Неготино, Демир Капија, Гевгелија и секаде кај што е можно исклучување од автопатиштата.

Ако застануваат да се одморат или наточат бензин, ќе мора да се придржуваат кон мерките за заштита од пандемијата со коронавирус кои важат овде за сите наши граѓани, а тоа е носење заштитна маски и забрана за групирање повеќе од двајца, освен ако не се работи за членови на исто семејство и држење дистанца од 1,5 до два метри.