Во светот е вообичаена практика луѓето да пишуваат тестамент, сепак, кај нас има анимозитет, отпор кон тоа. Нашите граѓани се плашат да напишат тестамент затоа што мислат дека со тоа тераат малер, чувство дека ќе умрат наскоро. Во Македонија, луѓето обично одлучуваат да ја напишат својата последна волја кога ќе се разболат, кога ќе дојдат во длабока старост или кога одеднаш ќе добијат голема сума пари.

Според податоците, помалку од 20 проценти од Македонците одлучуваат да изготват тестамент и со тоа да обезбедат поделба на имот за своето потомство. Најпосле, тестаментот им помага и олеснува на блиските, наследниците.

Просечен граѓанин размислува за крајот, ако умрам… Луѓето од различни причини, пред се од страв и нелагодност но и неизвесност како работите ќе се одвиваат по тестаментот малку ја користат таа можност. Кај помладите го нема тој страв но, тие тестамент не пишуваат од едноставна причина што сè уште не поседуваат ништо.

Тоа е страв од помислата и соочување со смртта, еден од универзалните човечки стравови што го има секое човечко суштество на овој свет и затоа е едно од вознемирувањата што луѓето ги избегнуваат.