Тамам сме легнале навечер да одмориме пред телевизија, соседите почнуваат со тропање. Kоваат, кршат плочки, го реновираат станот, а тоа го прават навечер оти дење им е топло. Немаме раат, се жали една скопјанка. Друг раскажува дека секојдневно слуша караници и викотници меѓу соседите од станот отспротива, кои му го нарушуваат мирот. Трети се жалат дека кучето на соседите постојано лае на тераса или дека младите во зградата слушаат гласна музика.

Освен да повикаат полиција, граѓаните немаат друга алтернатива кога е нарушен јавниот ред и мир. Од СВР Скопје велат дека има многу прекршочни пријави по овие основи, а казните се од 100 до 500 евра.

– Доколку се слушаат кавгите на соседите, тоа значи дека изолацијата на станот не е добра и граѓаните треба да интервенираат кај оној што им го продал станот. Но, ако се работи за вознемирување во заедничките простории, ходници, лифтови и сл., тогаш управителот или претседателот на заедницата на сопственици на станови го пријавува тој што вознемирува во полиција – стои во Законот. 

Според правилниците за домување станарите во една зграда мора да утврдат куќен ред.

– Тој се изгласува со мнозинство гласови на станарите и потоа се истакнува на табла на видно место на влезот на зградата. Во него се наведени сите ограничувања, на пример, кога е време за одмор за да нема бучава. Исто така, се најавува ако некој прави забава и во кој временски период ќе биде таа, за луѓето да бидат предупредени дека во тој период во зградата ќе има погласна музика. Ако станарите не се придржуваат на куќниот ред, следува пријава до надлежните, односно до МВР. Пријавата може да биде поднесена од секој станар или пак од управителот на зградата или претседателот на заедницата на сопственици.

До Регулаторната комисија досега нема поднесени пријави од граѓани за вознемирување поради караници и гласна музика, но имале пријава за бучава на лифт.