Српското Министерство за внатрешни работи завчера поднесе кривична пријава до Обвинителството против лидерот на Движењето на силата на Србија Богољуб Кариќ поради сомнение за злоупотреба на службената положба и дека во соработка со уште четири лица ја оштетил државата за повеќе од 20 милиони долари, јавува српската агенција Танјуг. Полицијата завчера ги уапси и ги предаде на истражен судија тројцата осомничени Панта Урошевиќ, Миша Кузмановиќ и Смиљо Младеновиќ, додека четвртиот Видомир Парежанин веќе се наоѓа во притвор. Богољуб Кариќ, кој се смета за најбогат човек во Србија, се наоѓа надвор од земјата, а по наредба на полицијата, тој требал да биде уапсен откако не се јавил на разговор со властите во врска со обвиненијата за злоупотреби во најголемиот српски мобилен оператор “Мобтел”, каде тој беше сопственик на поголемиот дел акции. Неодамна Кариќ влезе во конфликт со српскиот премиер Воислав Коштуница, чија Влада во декември минатата година ја презеде лиценцата за “Мобтел” и го обвини лидерот на Движењето на силата на Србија дека се обидува да “купува” лојални пратеници на премиерот. Кариќ ги отфрли ваквите тврдења, додавајќи дека тие биле политички мотивирани.(МИА)