И неговите не го сакаат – Заев бара оставка од Црвенковски

Зоран Заев, социјалдемократот со најголем рејтинг меѓу своите сопартијци, влегува во отворен судир со Црвенковски, јавува Република повикувајќи се на свои извори на Бихаќка. Како што пишува порталот, Заев, гневен што бил надмудрен во последен момент од Стевчо Јакимовски”, почнал интензивна внатрепартиска кампања, СДСМ да се откаже од сите ултиматуми и да најде начин во последен момент да влезе во изборната трка.

Заев како еден од можните наследници на Црвенковски според Република бил во интензивна комуникација со претставници на меѓународната заедница, а имал и директна средба со лидерот на СДСМ.

Тој инсистирал Црвенковски да излезе и јавно да каже дека се откажува од сите ултиматуми, да ги врати пратениците во Собранието и да побара измена на законската регулатива за да може партијата да го фати последниот воз за учество на изборите.

Република пишува дека Заев бил невообичаено нервозен и агресивен и го обвинил Црвенковски дека Груевски го надмудрил на секое поле и побарал од него неотповиклива оставка. Република пишува дека Заев му рекол на Црвенковски дека не е коректно доколку тој пропаѓа како политичар, да ја води кон дното целата партија.