Тренерот на германската фудбалска репрезентација Јирген Клинсман ги предупреди своите играчи дека ако не носат копачки на “Адидас” нема да бидат повикани во националниот тим за претстојното светско првенство во 2006 година во Германија. “Ниту еден германски фудбалер нема да носи никакви други копачки, освен на “Адидас”, изјави Клинсман во интервју за Спорт Билд, кој, исто така, пренесе дека Здружението на професионални фудбалери соопштило дека “постојат проблеми околу поединечните договори со останатите произведувачи на спортска опрема”. Известувањето им било испратено на Томас Брдарич, Мирослав Клосе, Франк Бауман, Томас Хицлспергер, Тимо Хилдебранд, Јенс Леман, Арно Фридрих, Дитмар Хаман и Кристијан Ворнс. Според условите на договорот за спонзорство и опрема на германската репрезентација, сите фудбалери мораат да бидат облечени во опрема на Адидас од глава до петици. Клинсман смета дека Адидас со ништо не го прекршил договорот. “Ако некој од нашите играчи сака работата да ја истера на суд за да може да заигра во својата марка на спортска опрема, не може да не тужи ако не се најде во репрезентацијата. Ако некој не ги прифаќа овие услови, не ќе може да игра и слободно може првенството да го гледа на телевизија”, објаснува поранешниот “шпиц” на Германија.