Како ја оценувате економската состојба во Македонија?
– Последните официјални податоци говорат дека растот на економијата е 2,7 отсто што е на ниво кое ние сме го предвиделе наспроти официјалните предвидувањата кои беа 3,8, така што мислам дека растот се уште треба да се поттикнува со одредени инструменти, каков што е намалувањето на каматните стапки. Една од добрите одлуки на Владата беше укинувањето на царините за текстилната индустрија и за земјоделието. Владата направи добар потег, бидејќи тие две гранки се многу значајни и за зголемувањето на вработувањата. Но, лично мислам дека треба многу повеќе координираност меѓу поедини ресори и институции за да се достигнат одредени таргети во економскиот раст. Значи, засега, оценувам дека во некои рамки економската состојбата во Македонија е задоволителна, со оглед на се, но треба уште многу да се одработи на полето на структурните реформи.
Неодамна изјавивте дека на Македонија и е потребен раст, раст и само раст. Како да се дојде до посакуваниот раст со оглед дека сме на најниско ниво во земјите на регионот на ова поле и на полето на инвестициите?
– Сите во Македонија мора да се залагаат за економскиот раст. Мислам дека луѓето во Македонија се многу вредни, дека сакаат да работат, сакаат да имаат работа, да имаат свој бизнис и тоа треба да им се овозможи. Неопходни ви се странските инвестиции, бидејќи логиката е многу едноставна- нема доволно домашна акумулација за да се финансираат инвестиции кои носат нови работни места и раст.
Активно учествувавте во експертскиот тим во изработка на новата економска програма на Владата. Дали мислите дека со неа ќе се постигне растот?
– Тоа е програма која сама по себе, доколку нема економски актери ќе биде само мртво слово на хартија. Најбитно е дека она што го изработи експертскиот тим, а мислам дека направи добар “бек граунд пејпр” и програма на Владата која врз таа основа беше изработена, има доволно елементи за да мислам дека е задоволителна и дека тоа сега треба да се одработи од конкретни мерки до глобални реформи кои таму се предвидени. Иако ги нема сите елементи кои ние сме ги предложиле, мислам дека е повеќе или помалку конзистентна и дека крајната цел е токму зголемување на стопанскиот раст и отворање на нови работи места.
Сметате ли дека со предвидените реформи македонската економија може да тргне напред?
– Мора и нема друг излез. Македонија има многу можности за да направи чекор со кој ќе се постави како модерна европска држава. Тоа може само со одредени реформи како на економскиот план, на социјален план, со реформите во судскиот систем… Значи, реформите се неопходни, не поради тоа што некој од страна тоа го бара од Македонија, туку поради вас самите. Структурните реформи се основа за економскиот раст.
Велите дека ни се неопходни странските инвестиции, меѓутоа сметате ли дека ова што се случува со неколку компании со последниот тендер за продажба на плацот спроти НБРМ негативно ќе влијае на имиџот на Македонија за привлекување на странскиот капитал?
– Да. Во секој случај транспаретноста е број еден. Мора да се работи на општиот имиџ на Македонија при привлекувањето на странските инвестиции, а јас лично би предложил да не биде тоа само во областа на трговијата, туку Македонија да побара инвеститори и во повисоките технолошки гранки. Мислам дека за неколку години македонскиот капитал ќе го бара своето место во светот. Можеби сега тоа звучи надреалистички, но таква состојба беше и во Словенија и никој не помислуваше дека словенечките инвеститори ќе бараат своја позиција вон Словенија. Но, тоа сега ни се случува, имаме големи компании кои го создаваат капиталот и сакаат да го пласираат надвор. Но, за да се зголеми увозот на странскиот капитал, најнеоходно е да имате стабилен систем, економски, политички и да е јасна правната заштита на инвеститорите.
Ако Вашиот колега Теодор Вајгел е лобист за влезот на Сименс во Македонија, дали е точно дека Вие стоите зад влезот на словенечкиот Туш во земјава?
– Не, јас не сум лобист за словенечкиот Туш. Јас Мирко Туш сум го видел само еднаш и тоа е се, така што не стојам зад нивното доаѓање во Македонија. Во секој случај мислам дека секоја странска инвестиција која носи работни места, па така и Туш е добредојдена за македонската економија.
За што во моментов го советувате премиерот Бучковски и неговиот министерски тим?
– За активната политика за вработувања за идната година што е мислам најбитно. Министерството за труд и социјала треба да подготви мерки за активна политика за вработувања кои се темелат на директивите на ЕУ (околу 15 директиви) врз основа на кои ќе се нападне долгорочната невработеност, структурната невработеност и невработеноста на одредени групи. Ова во Словенија донесе добри резултати и ја намали стапката на невработеност.
Колку таа би се намалила ако се реализираат овие мерки?
– Тешко би го кажал тоа. Владата излезе со бројка дека невработеноста би се намалила за околу 60.000, но јас не сакам да бидам пророк. Но мислам дека тоа што премиерот го кажа во својот говор е прилично реално, бидејќи одредени структури во таа евиденција се такви што може да се постигне тој резултат.
Работевте на средувањето на евиденцијата на невработените во земјава. Верувате ли дека имаме навистина 400 илјади невработени?
-Не верувам. Таа бројка според мое мислење е нереална и преголема. Со средувањето на едвиденцијата навистина ќе знаеме кој и зошто е невработен, како и структурата на невработените. Позадината не е да се бришат луѓето од евиденција, туку да се создаде правична политика на вработување, односно да добие пари оној што навистина не е вработен. Мислам дека на крајот ќе добиеме една позитивна слика и поголем ред на пазарот на трудот. Тоа не може да се случи преку ноќ, за тоа треба многу работа.
Има ли нешто што Вие сте го предложиле во програмата, а Владата не Ви го прифатила?
– Воглавно, програмата ги вклучи сите оние елементи што сме ги вложиле како експертски тим. Она што јас сега би сакал е практичната реализација да се изведува малку побрзо. Значи, мора да се зголеми степенот на ефикасноста, одредени елементи на политиката да бидат побрзи, но нормално е кога ќе се тргне од стапка раст од нула, каде што економијата била заспана, многу е тешко сето тоа да се разбуди и да тргне напред.
Мислите ли дека на македонската економија би и помогнало благо олабавување на девизниот курс, односно преминување од фиксен на флуктуирачки курс?
– Ние како експертски тим се определивме во програмата, но на Владата и на Централната банка е да одлучуваат на кој начин ќе ја водат таа политика. Мислам дека одредена флексибилизација не би била одвише, но извозната структура е таква што не знам дали тоа би довело до некои поголеми промени.
Дали имате добра соработка со Вашиот колега, министерот за труд и социјала, Јакимовски?
– Мислам дека соработката е коректна. Јас бев министер во овој ресор во Словенија четири години и тоа во многу тежок период за Словенија и мислам дека да се биде министер за труд и социјала е веројатно еден од најтешките ресори така што воопшто не му завидувам за неговата работа.


Весна М. БОЖИНОВСКА