Од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) на пратеникот Самка Ибраимоски му ја честитаат победата на Стево Пендаровски и нагласуваат дека тие го направиле цензусот од Шуто Оризари. Ако заигра метлата, лидерот на оваа партија вели дека тие треба да го добијат Министерството за труд и социјална политика.

 Преку активната работа на сите наши ограноци низ цела држава, а посебно нашиот огранок во Шуто Оризари ние успеавме во општината Шуто Оризари и низ целата држава да донесеме значајна победа за нашиот претседател. Донесовме огромен број гласови како во Шуто Оризари така и во сите општини. Нека не се китат другите партии во коалицијата со нашите резултати. Ние имаме неуспорени докази од терен кои го докажуваат фактот дека нашата партија го донесе и цензусот и победата на претседателот на оваа држава – вели претседателот на партијата, Ибраимоски.

Од неговата партија очекуваат, како што велат, Заев да ја пушти метлата да заигра и во сопствените редови, но и во коалицијата со цел да има поуспешна и поефикасна Влада и институции кои ќе работат за сите граѓани.

– Доколку заигра метлата, ПЦЕР го бара местото – Министер за труд и социјална политика поради тоа што ние знаеме како да го раководиме тоа Министерство, а и имаме адекватен кадар кој би работел со цел да им помогнеме прво на сиромашните граѓани затоа што сиромаштијата не познава етникум, религиска ниту било каква припадност – вели Ибраимоски.