Излегувањето на Британија од Европската унија ќе биде „билет во еден правец” и ќе предизвика тешки последици за британската економија, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон во интервју за Сандеј тајмс.

Тој упати остри критики за сопартијците Мајкл Гоув и поранешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон кои се изјаснија за излегување од ЕУ. Камерон ги обвини дека користат “целосно неточни податоци”.

– Првото е дека Турција ќе биде дел од ЕУ, второто е дека ние испраќаме по 350 милиони фунти секоја недела во буџетот на ЕУ и трето дека постојат планови за европска армија и дека Британија ќе биде дел од неа, наведе премиерот.

Весникот додава дека Камерон се изјаснил дека ќе остане на функцијата дури и ако Британците поддржат брегзит.

А според последните анкети пред референдумот закажан за 23 јуни, изедначен е бројот на приврзаниците и противниците за напуштање на ЕУ. Според он-лајн анкетата на Опиниум за весникот Обзервер се вели дека по 44 отсто анкетирани се за едната или другата опција.

Анкетата била спроведена меѓу 14 и 17 јуни. Најголем дел од испитаниците биле анкетирани пред до нив да дојде веста за убиството на лабуристичката пратеничка Џо Кокс. Кокс почина на 16 јуни како последица од нападот во нејзината изборна единица во северниот дел на Англија, соопшти полицијата.

Инаку, Томас Мер, единствениот осомничен за убиството на британската лабуристичка пратеничка Џо Кокс, се појави пред судот изјавувајќи „Смрт на предавниците, слобода за Британија”. Како што пренесуваат западните медиуми, 52-годишниот Мер на тој начин одговорил на прашањето на судијата кое е неговото име. Претходно против него беше подигнато обвинение за убиство. Познато е дека убиецот на пратеничката Кокс е симпатизер на британската крајна десница.

Аналитичари во Лондон кои ја следат кампањата за референдумот, и претходно предупредуваа дека кампањата е исклучително груба и исполнета со омраза и отров, каква што немало досега во британската политичка пракса.

Сега се верува дека убиството на пратеничката е последица на таквата кампања која главно ја предводеа приврзаниците на Брегзит и нивните медиуми кои секојдневно праќаа пораки на омраза кон се што не е британско и англиско.

Овие аналитичари претпоставуваат дека убиството на Кокс ќе се промени дебатата за иднината на Британија во ЕУ, а можеби и исходот од гласањето на референдумот.

Можен е домино ефект во Источна Европа ако има брегзит

Евентуално излегување на Велика Британија од ЕУ може да предизвика исти такви акции и во други држави членки во Источна Европа, предупредува министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн во интервју за Тагесшпигел ам зонтаг.

– Не може да се исклучи веројатноста од евентуален брегзит да предизвика домино ефект во Источна Европа, вели министерот.

– Историска грешка беше премиерот Дејвид Камерон дури и да помисли да свика референдум за британското членство во ЕУ, нагласува тој.

Според него, дури и Британија да остане во ЕУ, „тоа нема да го реши проблемот со негативниот однос на Британците спрема Унијата”.

Во интервјуто тој додава дека понекогаш има чувство оти Камерон и шефот на владејачката Право и правда во Полска, Јарослав Качински имаат премолчен договор да се спротистават на европска интеграција.