На локалните избори во Намибија избран е кандидат чие име и презиме е Адолф Хитлер, пренесува германскиот весник „Билд“.

54-годишниот Намибиец, Адолф Хитлер Унона, освоил 84,88 проценти од гласовите во областа Омпунџа во регионот Ошана, на северот од Намибија.

Адолф Хитлер ја започнал својата политичка кариера во партијата „Свапо“, со која победил на тековните регионални избори.

Тој вели дека неговиот татко му го дал името.

„Очигледно татко ми не разбираше кој е Адолф Хитлер“, рече тој.

Тој вели дека, кога бил дете, неговото име било сосема нормално, сè додека не пораснал и дознал чие име го носи.

„Немам што да правам со сите работи што ги сторил човекот чие име го носам“, вели тој.

Во јавноста се појавува претежно како Адолф Унона и го изоставува Хитлер.

Тој рече дека не може да го смени името бидејќи го има во сите негови официјални документи.

„Сега е доцна за тоа“, додаде тој, посочувајќи дека името Адолф беше доста честа појава во Намибија, поранешна германска колонија.