Министерот за образование и наука, Арбер Адеми денеска имаше официјален работен состанок со политичките претставници на жителите на Пелагонискиот регион. На заедничката средба со Џемил Ќамили – градоначалник на општина Долнени, Муса Ибрахими – заменик директор на Агенцијата за катастар, како и со Елгафар Јусуфи – директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Битола, беше разговарано за напорите што го прави Министерството за образование и наука во насока на подобрување на квалитетот на образованието за учениците од овој регион.

„Подобрувањето на квалитетот на образованието е еден од главните приоритети на Министерството и Владата и, во однос на ова посебно внимание ќе им се посвети токму на зоните запоставени во смисла на можностите за исполнување на законската обврска за основно и средно образование“, истакна меѓу другото министерот Адеми. Во тек се измените во Законот за основно образование, Законот за средно образование и Законот ученичкиот стандард. Сето тоа се прави со цел обезбедување најдобри законски решенија за спроведување на најавените реформи, објасни Министерот за образование.

Во оваа прилика, тој вети дека институцијата со кој раководи, максимално ќе се ангажира за остварување на правата на образованието на мајчин јазик за сите ученици, и тоа не само во Долнени и Битола туку во сите крајеви каде што има потреба.

Претставниците на Пелагонискиот регион изразија подготвеност да дадат свој придонес за да можат најбрзо и најефикасно да се спроведуваат овие политики, кои во суштина го имаат еднаквоста во образованието како предуслов за подобро спроведување на реформите што ги презема Министерството за образование и наука.

извор: Makfax