Прашан колку дивоградби ќе бидат отстранети во дадениот рок од УНЕСКО, министерот без ресор Адеми вели дека тоа не е задача на Владата, туки задача на општината и зависи од нејзините капацитети и можности.

– Се надевам и верувам дека до февруари голем дел, ако не се, барем голем дел од нив да бидат расчистени. Kако што изјави и премиерот, доколку општината нема капацитети и можности тоа да го реши, доколку се обрати до Владата, таа ќе излезе во пресрет, изјави Адеми.

За тврдењата од невладините организации дека во Баку не бил презентиран ист закон со тој што е доставен во Собранието, Адеми категорично вели не, и посочува дека тоа е процес.

– Во јануари е пратена верзија на законот. Знаете, легислативата и законот е процес. Во април е пратена втората верзија во Баку, онаа што е усвоена на седница на Влада. Ако ги читате заклучоците од Баку, УНЕСКО ја поздравува одлуката на Владата за усвојување на Законот што е сега во Парламент. Значи не е точно дека во УНЕСКО е пратена друга верзија, а во Парламент друга, истакна Адеми.

Владимир Милчин денеска ја искоментира изјавата за Радио Слободна Европа на министерот без ресор Едмонд Адеми, која се однесува за дивоградбите во Охрид.

„Ние сме хистеризирале? Не министерот ги извртува фактите! Се обидува да го одбрани неодбранливото. Пицеријата кај Чинарот се скали? Хотелот во Лагадин е гаража? Како не ти е срам?, напиша Милчин на својот Фејсбук профил.

Тој претходните денови напиша на Фејсбук дека дивоградбата во Охрид е прст во око на оние кои се бореле за правда. 

Инаку, Адеми изјави дека дивоградбите во Охрид се броеле на прсти.