Јовица Страшевски, новиот адвокат на ексградоначалникот на Гази Габа и обвинет во „случајот ТНТ“, Тони Трајковски, преку отворено писмо го прозва претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, за мандатот на поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска.

Судскиот совет најави дека на следната седница ќе го констатира прекинот на мандатот на поротничката затоа што има наполнето 60 години.Страшевски преку отвореното писмо прашува зошто се одолговлекува одржувањето на седница.

Писмото го пренесуваме во целост:

„Во врска со последните случувања околу предметот ,,ТНТ“ а со оглед на фактот дека од Ваша страна континуирано од 25.12.2019 година се прават обиди за одолговлекување на Ваше укажување до претседателот на Основниот кривичен суд дека судија – поротник на кој е истечен мандатот за кој сте ја избрале не престанува со донесување на ваша Одлука за престанок на тој мандат за судија – поротник туку со протекот на рокот за која е избрана од 4 години по сила на закон и по автоматизам дека тоа лице неможе и несмее да се престави и да присуствува на ниту едно рочиште во својство на судија поротник по истекот на нејзиниот мандат.

Со цел јавноста и стручната фела да ја дознае вистината околу истечениот мандат на поранешната поротничка Лилјана Ивановска Кочковска и правното значење на фактот за истечен мандат, Ви се обраќам и Ве замолувам на јавноста да и ги одговорите следниве прашања:

Врз основа на кој закон и кој член ако се повикате на некој закон, Судскиот совет треба да констатира престанок на мандат за судија – поротник на кого му е веќе истечен мандатот на 23.12.2019 година?Дали Претседателот на Oсновниот кривичен суд има законска можност да го повика ова лице на било кое рочиште закажано од 24.12.2019 година?Зошто не излезете во јавност како орган кој треба да го контролира работењето на судовите и судии и не ги решите овие неспорни факти кои како дилема сакаат да се пласираат во јавноста?

Зошто не одговорите официјално на барањето испратено до Вас од страна на претседателот на Основниот кривичен суд во врска со поротниците во предметот ТНТ со конкретни насоки и упатства, туку тоа го правите со бледи и конфузни соопштенија? Зошто како институција која постојано се повикува на транспарентност и отчетност не ги објавите дописите што до Вас ги доставил претседателот на Основниот кривичен суд и да покажете како сте одговориле на истите? Дали со вашата намера за не превземање на какви било мерки и чекори и умислено одлагање на седниците на Судскиот совет под разни околности само помагате кон сторувања на повеќе кривични дела од страна на поротникот Лилјана Ивановска – Кочковска и претседателот на Основниот кривичен суд“, се вели во писмото.

Авдвокатот за утре најави прес-конференција во 13 часот пред седиштето на Судскиот совет.

извор: Makfax