Адвокат на полицаецот Дерек Човин, кој е осомничен за убиството на Афроамериканецот, Џорџ Флојд, тврди дека жртвата починала од предозирање, а не затоа што полицаецот му клечел врз вратот скоро 10 минути.

Адвокатот Ерик Нелсон поднесе жалба пред судот во која се наведува дека обвинителот не докажал оти Човин е одговорен за убиството и потсетува дека неговиот клиент самиот се изјаснил за невин за сè за што се товари.

Смртта на Флојд предизвика лавина протести ширум светот, а адвокатот сега тврди дека нема докази оти Човин е одговорен за смртта на Флојд и бара да се повлече обвинението.

Во жалбата тој наведува дека обдукцијата покажала оти во телото на Флојд биле пронајдени фентанил и метамфетамин и дека жртвата „најверојатно земала дрога позната како ‘спидбол’, како резултат на што починала“.

Нелсон се осврнал и на наодите од вешатак кој утврдил дека Флојд страдал од атеросклероза и хипертензија, како и други болести на крвните садови. Тој исто така потсети дека е утврдено оти за време на неговата смрт, Флојд бил позитивен на коронавирусот.

„Но, да заокружиме, г-дин Флојд не можел да стане бидејќи во себе имал смртоносна количина на фентанил и најверојатно ‘спидбол’. Ова, во комбинација со неговата болест, довело до смрт. Неговиот потег за организмот бил сличен на ефектот кога ќе запалите фирил на динамит“, заклучува Нелсон во жалбата, а пренесе „Њујорк пост“.

Од друга страна, медицинските експерти ја сметаат смртта на Флојд за убиство. Во делот од извештајот во кој се зборува за причините за смртта се наведува дека настанал срцев удар при примена на сила и компресија врз вратот.

извор: Makfax