Управата за јавни приходи се сомнева дека адвокатите ги кријат вкупните приходи што ги остваруваат. Од 1.534 регистрирани адвокати во земјава 429 не поднеле даночни пријави за 2004 година, а колку го затаиле ланскиот приход ќе се знае деновиве откако даночниците ќе ги обработат пријавите. Владата на последната седница го задолжи Министерството за правда во соработка со Адвокатската комора да донесе појасни прописи за вредноста на адвокатските маркички и да ги усогласи со адвокатската тарифа. Ова го побара Управата за јавни приходи за да ги обврзе овие даночни обврзници да ги плаќаат реално давачките кон државата.
“Според податоците од поднесените даночни пријави и искажаните приходи сметаме дека адвокатите нереално ги прикажуваат остварените приходи”, велат во Управата за јавни приходи.
Податоците на УЈП, кои веќе се доставени до Владата, говорат дека 876 адвокати во даночниот биланс за 2004 година прикажале нето приход од 158.591.771 денари, додека 126 прикажале загуба од 2.896.033 денари. “Адвокатите плаќаат персонален данок на доход за приходите кои ги остваруваат од вршење на самостојна адвокатска дејност. Ако адвокатот покрај приходите од самостојната дејност остварува и други приходи должен е да поднесе и годишна даночна пријава за вкупно остварените приходи во текот на годината”, потенцираат од Управата за јавни приходи.
Министерството за правда треба да ја пропише и формата и содржината на адвокатските маркички, органот кој ќе ги издава, начинот на печатење, чување и подигање. Адвокатската маркичка ќе биде задолжителен елемент на поднесоците од страна на адвокатите.


Весна М. БОЖИНОВСКА