Oткако неколку организатори на филмски фестивали кои побараа исплата на парите за одобрените проекти, од Агенцијата за филм реагираат дека во неколку наврати правеле максимални напори да се задржи континуитетот на фестивалите како значајна културолошка гранка која ја промовира филмската уметност.

Велат дека неизвесноста со развојот на епидемијата и воопшто дали овие фестивали ќе можат да ја реализираат програмата како и административниот застој што се случи заради вонредната состојба е причина за ова недоразбирање со овие организатори.

Агенцијата нагласува дека за време на вонредната состојба добиле известувања дека некои од фестивалите кои требале да се одржат во текот на месец април и мај го одложуваат своето одржување поради настанатата ситуација. Во периодот на вонредната состојба Агенцијата за филм се обратила до одобрените проекти, прво со известување (испратено до организаторите на 07. мај, 2020 г.) дека поради вонредната состојба, Агенцијата за филм нема да биде во можност да склучува договори, а потоа во текот на месец април се обратила со барање на информација од страна на организаторите дали се во план да ги одржат фестивалите и покрај пандемијата, односно дали истите би ја адаптирале својата програма онлајн.

„За да не се одолговлекува целата ситуација повеќе од потребното, Управниот Одбор на предлог на службите од Агенцијата за филм донесе Одлука за измена на износи на фестивалите кои имаа направено измена во претходно доставените програми (начин на одржување) и заклучок за потпишување на Договори со сите фестивали кои ќе се одржат заклучно со месец септември. Овој пресек е направен од причина што оние фестивали кои се одржуваат во догледно време имаат подефинирани програми и буџети врз основа на кои може да се склучи договор. За останатите фестивали предвидено е да се одлучи во втората половина на месец август најдоцна до почетокот на месец септември. Ова значи дека фестивалите за кои не е донесена измена во одобрените износи и кои ќе се одржат од октомври до крајот на годината се уште имаат валидна одлука со одобрен првичен износ кој ќе претрпи измена доколку овие фестивали имаат измени во програмата и буџетите, сепак за нив се уште поради неизвесноста на ситуацијата со пандемијата не се склучуваат договори“, велат од Агенцијата.

Агенцијата за филм информира дека во конкретниот случај на сите фестивали се давани информации врз основа на она што во моментот се поседувало како податок и транспарентноста е секогаш на прво место.

„Треба да се има предвид дека оваа состојба не затече сите нас и дека многу од работите се одлучуваат во од, првенствено поради неизвесноста која се создава од надворешни фактори. Токму ова беше посочено на организаторите на фестивалите во повеќе наврати и самите тие потребно е да бидат свесни дека доколку не се створат услови некогаш можеби е подобро и да се откажат од своите проекти поради настанатата состојба, тоа не значи дека наредна година нема да добијат поддршка и сл. , но сите треба да сме одговорни и искрени најпрво пред себе дека јавните средства секогаш треба да се користат наменски, одговорно и квалитетно. Целта на Агенцијата за филм е да се одржат сите фестивали, но не под квалитетот кој го носи оваа задача. Приложувањето на програма во која нема конкретни цели, мисија и замисла не може да биде предмет на доделување / исплаќање на јавни средства“, наведуваат од Агенцијата во соопштението.

извор: Makfax