Агенцијата за приватизација официјално бара од Владата на Република Македонија да и дозволи да се трансформација во инвестициски фонд кој би менаџирал со државниот капитал во нејзино име и за нејзина сметка. Ако Владата донесе ваква одлука што е во рамки на нејзините ингеренции и овластувања со Законот, фондот би го конституирал инвестициски фонд од Словенија т.н. “Словенечки Тројхан” настанат од тамошната агенција за приватизација, а по теркот на германскиот “Тројхан” најпопуларниот приватизациски фонд од земјите во транзиција. Ваков инвестициски фонд постои и во Хрватска, како Фонд за приватизација и инвестиции и речиси во сите пост-социјалистички земји. На Агенцијата за приватизација на која рокот за работа и истече на 31 март, но Владата и го продолжи за уште месец, и останаа за доприватизација уште 80 фирми кои во себе имаат општествен капитал во вредност од 60 милиони евра. Но освен нив, постои уште околу 300 милиони евра “скриен”, т.е. неоткриен државен капитал кој “лебди” некаде меѓу Централниот депозитар за хартии од вредност и самите фирми. Тој, наводно, “исчезнал” поради невршење контроли на акционерските книги на компаниите кои се приватизираа. Освен тоа на државата и останаа неколку големи компании кои не се продадоа, како “Тутунскиот комбинат”во Прилеп, скопски ОХИС, Битолска шеќерана, некои нефункционални делови од ЕСМ, и кои Агенцијата како инвестициски фонд може да ги менаџира, односно прво да ги застане на нозе, а потоа како поквалитетни пакети-акции да ги продаде. Инаку, дека Агенцијата веќе работи како добар инвестициски фонд, покажаа последните неколку тргувања со градските аптеки, при што државата инкасираше неколку милиони евра само од продажбата на аптеките од внатрешноста. Така, при последната продажба за пет аптеки Агенцијата испазари 1,5 евра во еден ден, а допрва доаѓа продажбата на најатрактивните-скопските аптеки од каде што се очекуваат и најголемите пари. Инаку, според приватизациските експерти, само продажбата на аптеките не може да заврши до крајот на мај, така што Владата, сигурно, ќе треба уште еднаш да расправа за опстанок на Агенцијата за приватизација.


Виолета ЦВЕТКОВСКА