Спортската кариера на еден од најдобрите тенисери на сите времиња заврши. Американецот Андре Агаси му рече збогум на белиот спорт, во кој 21 година беше меѓу најомилените во светот. По поразот во третото коло од Отвореното тениско првенство на САД, Агаси се прости од својата домашна публика, со солзи во очите. Тој подолго време му салутираше на преполниот стадион Артур Еш. – Ова е веројатно најголемиот и најдолгиот аплауз што некој тенисер го добил на овој терен. Гледачите аплаудираа и во моментот кога го отклучував гардероберот. Јас си останувам на зборот, ова е последниот натпревар во мојата кариера, сега на ред е моето семејство, изјави Агаси. Можеби звучи чудно, но осумкратниот освојувач на Грен Слем турнирите и едниот од петтемина во историјата со триумф на четирите големи првенства, во последниот професионален меч загуби од квалификантот Бенџамин Бекер од Германија, со резултат од 3:1, по сетови 7:5, 6:7, 6:4 и 7:5. Елиминацијата на Агаси со големо олеснување ја дочека неговиот сонародник Енди Родик, кој по победата над Фернандо Верадеско од Шпанија со 6:7, 6:3, 6:3, 6:7 и 6:2, во четвртото коло ќе требаше да игра токму со својот идол од детството. – Секогаш е предизвик да се игра против своите херои, но не сакав јас да бидам тој што ќе го убие Бамби, со зборови на олеснување Родик го опиша задоволството од тоа што некој друг ја завршил работата околу последниот натпревар на Агаси. Во останатите мечеви од третото коло, првиот носител Швајцарецот Роже Федерер го совлада Американецот Винсент Спадеа со 6:3, 6:3 и 6:0, додека петторангираниот Џејмс Блејк од САД беше подобар од Шпанецот Карлос Моја со 6:4, 7:6, 2:6 и 6:3. На женскиот дел од турнирот, кинеската претставничка На Ли ја елиминира 13-тата носителка, ветеранката Мери Пирс од Франција со 4:6 и на двапати по 6:0. Русинката Марија Шарапова оствари убедлива победа од 6:3 и 6:2 во дуелот со својата сонародничка Елена Ликовцева, а натпреварите на Флешинг Медоуз завршија и за петтата носителка Надиа Петрова од Русија, која загуби со 7:5, 6:7 и 6:3 од Французинката Татјана Головин, додека пак 16-та носителка, Србинката Ана Ивановиќ, беше поразена од двојната шампионка на првенството Серена Вилијамс со 6:2 и 6:4.