Автомобилската и текстилната индустрија работат со полна пареа. Според податоците на Државниот завод за статистика, овие две индустриски гранки имаат најголем раст на бројот на работници во јули, спредено со истиот месец претходната година.

Според податоците на статистика во јули бројот на вработени во индустријата за производство на моторни возила, приколки и полуприколки бележи раст од 23,5%, додека инсустријата за производство на текстил бележи зголемување од 20,1% во истиот период.

За време на летниот период зголемен број на работници статистика забележала и во индустријата за производство на машини и уреди за 10,5%, а индустријата за производство на мебел за 7%.

Намалување пак на бројот на вработени во јули статистика забележува тутунската индустрија каде што бројот на вработени бележи пад од 22,7%, по неа следи нафтената индустрија каде што според статистичарите во индустријата за производство на кокс и рафинирани нафтени производи во истиот период годината бројот на работници е помал за 10,5%, по што следи индустријата за преработка на дрво каде што бројот на работници е намален за 8,9% во јули споредено со истиот месец минатата година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во индустријата во јули 2015 година, во однос на јули 2014 година е зголемен за 1,3%

Гледано по гранки, бројот на работниците во секторот рударство и вадење на камен во јули 2015 година, во однос на јули 2014 година, бележи опаѓање од 2,8%, а бележи пораст во секторот преработувачка индустрија од 1,6%, и во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 0,2%.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2015 година, во однос на јули 2014 година, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 0,7%, капитални производи за 19,0% и трајни производи за широка потрошувачка за 0,3%, додека опаѓање бележи кај енергија за 1,9% и нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,1%.

Бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – јули 2015 година, во однос на периодот јануари – јули 2014 година е поголем за 1,9%.