Австриските органи спроведуваат истрага против 21 лице за можни врски со неодамнешниот терористички напад во Виена, иако истражителите сè уште веруваат дека атентаторот го извршил нападот сам.

„Претпоставуваме дека Кујтим Фејзулаи немал директни соучесници во нападот, но дејствувал сам. Колку луѓе имале увид во неговите планови, истрагата допрва треба да покаже“, рече шефот на истражната група „2 Ноември“, Мајкл Лонегер, на прес-конференција.

Шефот на истрагата во Австрија кажа дека во моментов се водат истраги за 21 можен соработник на виенскиот терорист за да се покаже дали и во колкава мера биле запознаени со неговите планови за нападот во кој уби четири лица и рани над 20.

„Десетмина се во притвор, за другите 11 немаше доволно конкретни докази за притвор“, соопшти канцеларијата на државниот обвинител во Виена.

Истрагата откри дека напаѓачот имал врски со исламисти во Германија и Швајцарија и дека се обидувал да набави муниција за автоматско оружје во Словачка на почетокот на летото.

Сторителот, 20-годишник роден во Виена со албанско етничко потекло, кој имал и македонско државјанство, пред десет дена нападна луѓе на улиците во центарот на Виена, вооружен со автоматска пушка, пиштол и мачета.

Засега е непознато како тој пристигнал во центарот на Виена со ова оружје, но се претпоставува дека не користел јавен превоз.

По нападот, Австрија призна дека словачката разузнавачка служба ја известила оти сторителот се обидел да купи муниција и дека се сретнал со двајца исламисти од Германија и уште двајца од Швајцарија.

извор: Makfax