Премиерот на Австралија Скот Морисон прогласи „вонредна состојба за човечка биосигурност“ и ги повика Австралијците да не патуваат надвор од земјата за да го спречат ширењето на епидемијата на коронавирус.

Официјалното прогласување на вонредна состојба и дава на владата овластување да ги стави во карантин градовите или регионите, да наметне полициски час или да побара од луѓето да се самоизолираат доколку веруваат дека овие мерки се неопходни за да се запре ширењето на вирусот.

Тревога од „четврт степен: забрана на патување“ е официјално прогласена во сите земји, што никогаш не се случило во историјата на Австралија. Исто така, владата воведе забрана за собирање на повеќе од стотина луѓе во затворено.

„Животот во Австралија се менува, како што се менува низ целиот свет. Животот ќе мора да продолжи да се менува додека се бориме против глобалната инфекција со коронавирус. Тоа е нешто што се случува еднаш на сто години“, рече Морисон во телевизиското обраќање до Австралијците.

Околу 500 луѓе се заразени со вирусот во земјата и шест лица починаа, што е релативно малку во споредба со некои други земји. Сепак, официјалните лица и експертите се повеќе се загрижени за можноста за експоненцијално зголемување на бројот на заразени во Австралија.

извор: Makfax